News Item
Животот нема рестарт: нова кампања ги предупредува младите за злоупотребата на оружје
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje
Кампања за подигање на јавната свест, која ги повикува младите луѓе да се држат понастрана од оружје и да изберат мир наместо насилство, стартуваше денеска во Северна Македонија. Спроведувана од Министерството за внатрешни работи заедно со Националната комисија за МЛО и поддржана од вонбуџетскиот проект на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје (МЛО)“, кампањата се фокусира на ризиците од злоупотребата на малото и лесно оружје и промовира ненасилно решавање конфликти, емпатија и одговорност кај младите.
Кампањата дава јасна порака: животот нема рестарт. Оружјето не е игра. Држете се понастрана. Преку училишни посети, видеопораки и ангажман со јавноста, таа има за цел да им помогне на младите луѓе да ги препознаат опасностите и неповратните последици од злоупотребата на оружје, а притоа охрабрува правење избори вкоренети во самоконтрола, почит и зрелост.
При стартувањето на кампањата во Скопје, шефот на Мисијата, амбасадорот Килиан Вал изјави: „Оваа кампања ги става младите луѓе во центарот на едноставна но важна порака: оружјето не е игра, а насилството може да ги промени животите засекогаш. Поединците и заедниците се побезбедни и посилни преку избирање дијалог, почит и одговорност“.
Пораката на шефот на Мисијата беше засилена од министерката за образование и наука, г-а Весна Јаневска, која истакна дека „децата треба да се едуцираат од рана возраст дека нема ништо атрактивно во носењето оружје“.
Кампањата ќе продолжи во текот на март и април со училишни посети низ државата, пропратени со онлајн содржини чија цел е градење посилна култура на ненасилство меѓу младите генерации.