News Item
Младите препознаени за градењето побезбедни и посилни заедници
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje
- Fields of work:
- Млади
Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет заеднички им оддадоа признание на младите, младинските групи и организации чии активности помагаат во градењето побезбедни и поинклузивни заедници. Во овој контекст, и УНДП ја додели наградата „Службеник за млади“.
Млади луѓе, неформални младински групи и младински организации кои предводат иницијативи за справување со насилството, општествените поделби, предизвиците поврзани со животната средина и безбедноста во заедниците добија признанија на Церемонијата за доделување на награди за младинско учество за 2026 година во Скопје. Настанот заеднички го организираа Мисијата на ОБСЕ, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет, а УНДП ја додели наградата „Службеник за млади“.
„Младите ја унапредуваат мултилатералната соработка преку технологија и партнерства“ беше овогодинешната тема на настанот, одржан на Меѓународниот ден на младите. На настанот се собраа млади луѓе кои прават промени, младински организации, владини институции и меѓународни партнери. Се одбележаа практични иницијативи предводени од млади – од спречување на насилството и градење доверба меѓу заедниците, до заштита на животната средина и овозможување на младите да учествуваат во одлуките што ги засегаат.
За трите категории награди беа примени вкупно 37 номинации. По спроведениот процес на оценување и јавно гласање, на церемонијата беа прогласени добитниците. Беа доделени парични награди во вкупен износ од 7.500 евра како поттик за продолжување и понатамошен развој на наградените иницијативи.
Фокусот на овогодинешната „индивидуална категорија“ беше ставен на „Младите и безбедноста“, со што се исполни заложбата на Мисијата изјавена при минатогодишното одбележување на Меѓународниот ден на младите. Наградата им оддава признание на младите чии иницијативи помагаат да се спречи насилството, го јакнат дијалогот, ја унапредуваат општествената кохезија и создаваат побезбедни заедници. Мисијата, исто така, учествуваше во Комисијата за оценување, застапувајќи ја идејата за „Младите, мирот и безбедноста“ во процесот на избор.
Д-р Сузан Пенкса, заменик-шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја додели наградата, признавајќи го придонесот на младите во градењето побезбедни и поотпорни заедници.
„Младите не се пасивни набљудувачи; тие се незаменливи партнери во унапредувањето на мирот и безбедноста. Сепак, не треба промените сами да ги носат на своите плеќи. Сите имаме одговорност да создадеме отворени, доверливи и инклузивни механизми за значајно младинско ангажирање и учество “, рече д-р Пенкса.
Во индивидуалната категорија – Млади и безбедност, наградата отиде кај Андреј Рајатоски за неговата еколошка платформа „gradinarot.mk“, која промовира заштита на животната средина, одржливи начини на живот и одговорно управување со природните ресурси.
Наградата за неформална младинска група ја доби „Зелени пионери“ од Битола, додека во категоријата младински организации, организации за млади и младински чадор-организации наградата отиде кај „Млади од семејна разновидност“.
Посебната награда Службеник за млади, УНДП ја додели на Владимир Смилевски, службеник за млади во Општина Велес. Наградата им оддава признание на службениците за млади кои покажале исклучителна посветеност во поддршката на младите и јакнењето на младинското учество на локално ниво.
Настанот ја потврди заедничката заложба на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и нејзините партнери за унапредување на суштинското учество на младите. Оваа заложба се отсликува и во Патоказот на ОБСЕ за зајакнување на напорите на ОБСЕ во областа на Младите, мирот и безбедноста, кој дава практични насоки за поддршка на младите како активни чинители во градењето мирни, инклузивни и отпорни општества.