News Item
Регионална конференција поддржана од ОБСЕ го зацврстува одговорот против организираниот криминал кој дејствува одвнатре од затворите
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje
Организираниот криминал не запира пред затворската капија. Криминалните мрежи продолжуваат да работат одвнатре од затворите, регрутирајќи членови, заплашувајќи го или корумпирајќи го персоналот и останувајќи поврзани со своите мрежи надвор.
Оваа недела во Скопје, на конференција организирана од Мисијата на ОБСЕ и Амбасадата на САД, меѓународни практичари и експерти разгледуваат начини за ефикасно запирање на оваа појава.
„Соединетите Држави нема да ги толерираат оние што помагаат и поттикнуваат транснационален организиран криминал, корупција или криумчарење дрога. Тоа го покажуваме со конкретни чекори, вклучително и со барање одговорност од корумпираните службени лица кога тие ја злоупотребуваат довербата на јавноста за да ги заштитат криминалните групи. И ќе продолжиме да го правиме тоа“, изјави Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Скопје.
Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакна: „Колку подобро разбираме како криминалците дејствуваат од внатрешноста на затворите, толку поефикасно ќе се бориме против нивните мрежи.“
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја нагласи потребата од заеднички одговор на целиот систем на кривичната правда: „Од превенцијата и истрагата, до гонењето, судењето и извршувањето на казните, институциите мора да го препознаат организираниот криминал како заеднички предизвик.“
Министерот за правда Јетон Шашивари ја подвлече важноста на интегритетот, заложувајќи се за: „Повеќе интегритет. Посилен надзор. Нулта толеранција за корупцијата.“
Ефективната превенција зависи од собирањето и размената на разузнавачки информации, како и од беспрекорната соработка помеѓу затворите, полицијата и обвинителите.
Конференцијата на иста маса собира меѓународни практичари и експерти за да споделат искуства и начини за справување со организираните криминални активности поврзани со затворите, и за да се зајакне соработката во системот на кривичната правда.