News Item
Млади од Албанија и Северна Македонија се здружуваат за да ја зајакнат отпорноста кон насилниот екстремизам на интернет
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje, OSCE Presence in Albania
Од 16 до 18 септември 2026, млади луѓе, општински претставници и локални партнери од Албанија и Северна Македонија се собраа во Струга, Северна Македонија, да разработат практични иницијативи за спречување и справување со насилниот екстремизам и радикализацијата кои водат кон тероризам (С/СНЕРВТ) во дигиталниот простор.
Работилницата „Партнерство со младински лидери со цел спречување на насилниот екстремизам и тероризмот на интернет во Албанија и Северна Македонија“ им овозможи на учесниците да разменат искуства, да разговараат за ризиците што произлегуваат од штетната содржина на интернет и да развијат идеи за зацврстување на отпорноста кон насилството во нивните заедници.
Настанот беше организиран од Одделот за транснационални закани/Единицата за акција против тероризам (ОТЗ/ЕАТ) при ОБСЕ, во рамки на проектот CLEAR, во соработка со Присуството на ОБСЕ во Албанија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Општина Струга. Иницијативата беше поддржана и од општините Охрид, Северна Македонија, и Поградец, Албанија.
Учесниците ги разгледуваа начините на кои младите можат да препознаат и да одговорат на штетни содржини на интернет, да ги унапредат критичкото размислување и медиумската и информациската писменост, и да поттикнуваат позитивно дејствување во дигиталниот простор. Дискусиите ја истакнаа и важноста на одржливата соработка меѓу младите, локалните власти, едукаторите и граѓанските организации. Беше нагласена и важноста младите да се јават како активни придонесувачи во напорите за С/СНЕРВТ, а не само како корисници на програмите за превенција.
„Технологијата сама по себе не може да осигура побезбедна онлајн средина. Таа зависи од критичкото размислување, медиумската и информациската писменост, дигиталното граѓанство и способноста да се препознаат манипулации и штетни содржини“, рече Виоланда Ботет, раководителка на Единицата за акција против тероризам. „Таа исто така бара почитување на основните слободи, но и мерки за спречување на насилниот екстремизам кои се пропорционални, инклузивни и во согласност со обврските во областа на човековите права.“
Работилницата придонесе за прекуграничниот дијалог и ги поттикна учесниците своите идеи да ги преточат во иницијативи скроени според локалните потреби. Настанот заврши со претставување на иницијативите на учесниците пред претставниците на општините.
Овој настан е дел од пошироките активности на ОТЗ/ЕАТ за поддршка на државите учеснички во спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата кои водат кон тероризам. Работилницата беше изведена во рамките на проектот CLEAR, кој промовира критичко размислување, медиумска и информациска писменост, свест за етичка примена на ВИ и отпорност на заедниците. Проектот CLEAR е финансиран од Германија, Финска, Норвешка и Соединетите Држави.