News Item

Зајакнување на Народниот правобранител за подобра заштита на правата на граѓаните

Issued on:
Issued by:
OSCE Mission to Skopje

Кога луѓето веруваат дека некоја јавна институција ги прекршила нивните права, тие имаат потреба од место каде што ќе можат да побараат помош. Народниот правобранител игра важна улога во заштитата на тие права и во обезбедувањето отчетност на јавните институции.

За да може ефикасно да ја игра оваа улога, Народниот правобранител треба да биде независна институција, овластена да ги истражува жалбите и да ги има ресурсите потребни за вршење на својата работа.

Токму затоа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги поддржува напорите за зајакнување на Народниот правобранител. На 22 октомври, Мисијата, заедно со Народниот правобранител, Обединетите нации и Собранието, поканија претставници на институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери и разговараа за предложените измени на Законот за Народниот правобранител.

Предложените измени ќе ја засилат независноста на институцијата, ќе ја подобрат нејзината способност за истражување на жалби и ќе ги направат нејзините услуги подостапни, вклучително и за лицата со попреченост.

„Една институција не може да го извршува својот мандат во целост доколку ја нема независноста за носење одлуки, ако ја нема надлежноста неопходна за истражување или ако ги нема човечките и финансиските ресурси потребни за спроведување на нејзините задолженија“, изјави амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Народниот правобранител, Фатон Селами, нагласи дека дискусијата не треба да се задржува само на законските измени.

„Дискусијата за измените на Законот за Народниот правобранител не треба да ја гледаме само како правно прашање, туку како можност да разговараме за тоа како да се обезбеди поефикасна заштита на човековите права и поголема отчетност на институциите“, рече тој.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја изрази поддршката на Собранието за зајакнување на Народниот правобранител, нагласувајќи дека предложените измени мора да доведат до подобра заштита на граѓанските права.

„Заштитата и почитувањето на правата на секој граѓанин се дел од гаранцијата за правата на сите“, рече тој.