News Item

Конкурс за есеи

Issued on:
Issued by:
OSCE Mission to Skopje

Иднината на корупцијата 2036: интегритет, добро владеење и отчетност

Отворен за: Студенти на додипломски и магистерски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитет Американ Колеџ Скопје. Вработените, консултантите или практикантите на ОБСЕ, како и членовите на нивните најблиски семејства, немаат право на учество.

Краен рок за поднесување на есеите: 25 ноември 2026 година

Награди: Авторите на трите најдобри есеи ќе добијат награда (ИТ опрема).

Контекст и цел

Мисијата на ОБСЕ во Скопје има за цел да го унапреди владеењето на правото и човековите права преку спроведување на применливите меѓународни стандарди и обврските преземени во рамки на ОБСЕ во областите на правосудството и фундаменталните права, во согласност со стратешките приоритети на Северна Македонија. Мисијата се осврнува на предизвиците поврзани со независноста и непристрасноста на судството, кривичната правда, борбата против корупцијата, недискриминацијата, родовата еднаквост и основните права, како што се идентификувани во владините документи за јавни политики и меѓународните експертски проценки.

Паралелно со серијата мастер-класови за антикорупција, организирани во соработка со пет универзитети (Универзитет Американ Колеџ Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот на Југоисточна Европа), Мисијата на ОБСЕ во Скопје го поддржа силниот интерес и ангажман што го покажаа студентите.

Надоврзувајќи се на овој ентузијазам, Мисијата со задоволство го објавува конкурсот за пишување есеј, кој ги повикува студентите да ја истражат иднината на корупцијата, интегритетот, доброто владеење и отчетноста. Целта на конкурсот е да ги поттикне младите да ги надминат актуелните предизвици и критички да испитаат како ризиците од корупција, транспарентноста, довербата на јавноста и владеењето би можеле да се развиваат во текот на следната деценија, под влијание на технолошките, политичките, економските и општествените промени.

Со воведување перспектива насочена кон иднината, конкурсот ќе ги поттикне учесниците да размислат не само за тоа како би можела да се промени корупцијата до 2036 година, туку и за тоа што можат да направат владите, институциите и граѓаните уште денес за да ги зајакнат интегритетот, отчетноста и демократската отпорност. Конкурсот, исто така, ќе ја промовира граѓанската свест, етичкото промислување и активното учество на младите во изградбата на потранспарентно општество со поголема отчетност.

Барања за есеите и препорачан пристап

Есеите треба да демонстрираат добро информирано разбирање на предизвиците поврзани со корупцијата и интегритетот, комбинирајќи критичка анализа на актуелните случувања со перспектива насочена кон иднината. Авторите се охрабруваат да истражат веројатни идни случувања, да идентификуваат нови ризици и можности и да предложат реалистични мерки засновани на докази за спречување и справување со корупцијата.

Централното прашање што го насочува конкурсот е:

„Како би можела да се развива корупцијата во иднина и што можат да направат општествата уште денес за да изградат посилна култура на интегритет и отчетност?“

Учесниците се охрабруваат да развијат сопствени аргументи и гледишта, поткрепени со веродостојни извори од академската, правната или политичката литература. Есеите треба да демонстрираат самостојно размислување, оригиналност и способност за поврзување на денешните предизвици со можните идни случувања. Авторите треба да се погрижат нивните аргументи да бидат убедливи, препораките практични, а есеите јасни и добро структурирани.

За да се поттикнат креативноста и иновативноста, учесниците можат да ѝ пристапат на темата преку различни формати и перспективи, вклучувајќи:

  • Идни сценарија: Истражување веројатни сценарија за корупцијата, интегритетот и отчетноста во 2036 година.
  • Наративни есеи сместени во 2036 година: Замислување како ризиците од корупција и напорите за борба против корупцијата би можеле да влијаат врз институциите и општеството во иднина.
  • Писмо од иднината: Пишување писмо од 2036 година во кое се размислува за изборите направени денес и нивните последици за интегритетот и отчетноста.
  • Препораки за јавни политики од перспектива на иднината: Предлагање мерки што владите, институциите и граѓаните треба да ги преземат денес за да ја спречат идната корупција.
  • Измислени новинарски статии или дневни записи од иднината: Користење креативно раскажување за испитување на идните предизвици во владеењето и можните одговори на нив.

Овие формати се предлози чија цел е да поттикнат разновидни пристапи. Независно од избраниот формат, доставените есеи треба да демонстрираат критичко размислување, солидно разбирање на прашањата поврзани со корупцијата и интегритетот, како и веродостојна поврзаност меѓу актуелните случувања и можните идни сценарија.

Критериуми за оценување

Комисија за евалуација составена од четири професори ќе ги оценува анонимно доставените есеи според следните критериуми:

  • Оригиналност и креативност (максимум 25 поени)
  • Разбирање на прашањата поврзани со корупцијата и интегритетот (максимум 25 поени)
  • Критичко размислување и размислување насочено кон иднината, вклучително и веродостојноста на сценаријата и аргументите (максимум 25 поени)
  • Квалитет на препораките и размислувањата (максимум 25 поени)

Формат и должина

Есеите треба да бидат напишани на англиски јазик, со фонт Times New Roman, големина 12 и проред 1,15. Вкупната должина треба да биде помеѓу 1.400 и 1.600 зборови (приближно три страници). Есеите што ќе ја надминат оваа должина нема да бидат разгледани.

Оригиналност и употреба на алатки за вештачка интелигенција

Сите есеи мора да бидат оригинална работа на авторите и да ги одразуваат нивните сопствени идеи, критичко размислување и анализи. Учесниците можат да користат алатки за вештачка интелигенција како поддршка при истражувањето, генерирањето идеи, лекторирањето или јазичното уредување, под услов нивната употреба да не го заменува нивниот сопствен интелектуален придонес или самостојното развивање на аргументите, сценаријата и препораките.

Не е дозволено користење алатки за вештачка интелигенција за генерирање значителни делови од есејот или за изработка на анализите, аргументите или препораките што се претставуваат како сопствена работа на авторот. Учесниците мора да се погрижат сите фактички тврдења и референци да бидат точни и проверливи, а сите извори соодветно наведени.

Учесниците мора да ја наведат секоја употреба на алатки за вештачка интелигенција во кратка изјава на крајот од доставениот есеј, со наведување на користените алатки и целта за која биле употребени. Непочитувањето на овие барања, како и плагијатот или лажното прикажување на авторството, може да резултира со дисквалификација од конкурсот.

Инфо-сесија

За заинтересираните студенти, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе организира онлајн инфо-сесија со попрецизни насоки за тоа како да се подготви конкурентен есеј, една недела пред крајниот рок за поднесување на есеите. За информации во врска со точниот датум и време на сесијата и за добивање линк за Zoom, испратете е-пошта на arben.ajrulai@osce.org и наведете ги вашите контакт-податоци.

Процес на аплицирање

Упатствата за конкурсот за пишување есеј ќе бидат достапни и на македонски и на албански јазик.

Авторите треба да ги достават своите есеи во PDF формат на адресата arben.ajrulai@osce.org  најдоцна до 25 ноември 2026 година. За да се обезбеди анонимна евалуација, авторите треба да ги наведат своето име и презиме и називот на универзитетот во телото на е-пораката. Нивните имиња не смеат да се појавуваат во самиот документ на есејот.

Ништо во или во врска со овој конкурс не треба да се толкува како откажување, експлицитно или имплицитно, од кој било имунитет или привилегија на ОБСЕ