News Item

Повеќе од подигнување на свеста: Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја почнува кампањата „16 дена активизам“ со млади новинари

Seven people standing in a formal setting with flags in the background, some smiling, dressed in business attire.
Issued on:
Issued by:
OSCE Mission to Skopje

Заканите на интернет, демнењето и споделувањето интимни фотографии без согласност може да имаат сериозни последици врз безбедноста, образованието, вработувањето и приватниот живот на жените и девојките. Сепак, голем број од оние што доживуваат или се сведоци на вакви злоупотреби никогаш не ги пријавуваат.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја започна овогодинешната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“ со настанот „Гласови против насилството: Младите раскажуваат за дигиталната димензија на насилството врз жените и девојките“.

На настанот учествуваа млади новинари, претставници на институциите, медиумски професионалци и експерти. Тие разговараа за тоа како да се спречи дигиталното насилство, како да им се обезбеди подобра заштита на жртвите и како да се засили одговорот од институциите.

Според истражувањето објавено од Мисијата годинава, во кое учествуваа 600 млади жени на возраст од 18 до 29 години, 86 проценти од оние кои доживеале или посведочиле родово базирано насилство или вознемирување на интернет, истото не го пријавиле. Од нив, 31 процент навеле дека немале доволно информации за тоа каде да се обратат, а 28 проценти изразиле недоверба во институциите.

„Подигнувањето на свеста е важно, но свеста сама не штити никого. Тоа мора да доведе до ефикасна превенција, заштита и отчетност“, рече д-р Сузан Пенкса, вршителка на должноста шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во своето воведно обраќање, д-р Сузан Пенкса посочи три конкретни прашања што треба им бидат насока на напорите за справување со дигиталното насилство: дали жените и девојките можат лесно и безбедно да пријават насилство, дали институциите се подготвени да постапат, и дали жртвите имаат причина да имаат верба во таквото постапување.

На настанот им се оддаде признание на добитниците на наградите по отворениот повик на Мисијата за новинарски стории за дигиталната димензија на насилството врз жените и девојките:

Прва награда: Енис Шаќири, за сторијата „Почна со лажен профил на Инстаграм, а заврши со демнење во реалниот живот: жените во Северна Македонија се соочуваат со насилство што не запира на екранот“.

Втора награда: Лауша Зенуни, за нејзината сторија „Јас молчев, Моника пријави: две приказни за дигиталното насилство“.

Трета награда: Габриела Лесковска, за нејзиниот ТВ прилог „Дигиталното насилство како вистинска закана“.

Победничките стории послужија како вовед во две панел дискусии во чие модерирање активно учествуваа членови на Советодавната група за млади. Учесниците ги разгледуваа последиците од насилството на интернет, пречките за пријавување, расположливата поддршка и важноста на ефикасните истраги и пристапот до правда.

На настанот беше истакнато и како одговорното новинарство може да придонесе злоупотребите да станат видливи, да се спречи префрлањето на вината врз жртвите и да им помогне на луѓето да ја најдат потребната поддршка, притоа почитувајќи ја приватноста и достоинството на жртвите. 

Сите учесници на отворениот повик добија благодарници за нивниот придонес во подигнувањето на свеста за дигиталното насилство.

„Кампањата  за 16-те дена активизам ќе заврши. Нашата одговорност да го спречиме насилството врз жените и девојките останува“, нагласи Пенкса.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје продолжува да соработува со институциите, граѓанското општество и младите со цел спречување на родово базираното насилство и зајакнување на заштитата на жените и девојките, како на интернет така и надвор од него.