Skip Links

News Item

Регионалната конференција „Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“ се одржува во Скопје со поддршка на Мисијата на ОБСЕ

Issued on:
Issued by:
OSCE Mission to Skopje
Fields of work:
Родова еднаквост

Не се работи само за бројки во однос на родовата еднаквост во собранието. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отворија регионалната конференција „Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“ со која се одбележа 20-годишнината на Клубот на пратенички.

На конференцијата присуствуваат претставници на Собранија и на теренските операции на ОБСЕ од Југоисточна Европа заедно со претставници на меѓународни организации, невладини организации и независни експерти.

Во своето обраќање, амбасадорот Вал ја истакна потребата за вклучување на мажите-пратеници во родовата перспектива и за тоа дека напорите за унапредување на родовата еднаквост треба да се протегаат вон бројките за проценти.

„Знаеме од истражувања и студии дека земјите со повисока родова еднаквост се поуспешни. Попросперитетни. Поиновативни. Побезбедни. Државите со повисока родова еднаквост уживаат повисок животен стандард и обезбедуваат подобра иднина за нивните деца. За тоа се работи. ‘За луѓето се работи’, како што знаете тоа е мотото на претседателството на Северна Македонија“, рече амбасадорот Вал.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави: „Потребно е понатамошно промовирање на различностите во работата и законите кои ги носи Собранието. Од исклучително значење е зголемувањето на поддршката на колегите пратеници за прашањата за родот и различностите. Притоа, не мислам само на бројчано зголемување, мислам на квалитативен придонес и конкретна заложба за да имаме вистински модерен и родово сензитивен парламент според дефиницијата на Интерпарламентарна унија.“

„Родовата еднаквост е битен параметар за севкупната демократичност на одредено општество и неговите перформанси во заштитата и промовирање на човековите права во целина.  Сето тоа подразбира пред сѐ свест за потребата од поголема вклученост и учество на жената во сите процеси и во секој општествен домен, што резултира со нејзина поголема застапеност во секој сегмент“, рече во своето обраќање заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.

Теренските операции на ОБСЕ во регионот традиционално го поддржуваат организирањето регионални конференции на пратенички.

Партнерството помеѓу Мисијата и Собранието на Северна Македонија, посебно Клубот на пратенички, резултираше со разни успешни иницијативи во изминатиот период, вклучително и усвојувањето на повеќегодишните Родови акциски планови на Собранието.


Contacts

Мирвете Ислам, Мисија на ОБСЕ во Скопје

Виша асистентка за односи со јавноста и медиумите

Мисија на ОБСЕ во Скопје

Зграда Хипериум
Булевар 8ми септември бр. 16
1000 Скопје
Северна Македонија