News Item
Мисијата на ОБСЕ во Скопје го слави Меѓународниот ден на младите со фокус на граѓанското учество
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje
Мисијата на ОБСЕ во Скопје го одбележа Меѓународниот ден на младите со славење на силата на младинското граѓанско учество на церемонијата на доделувањето на „Наградата за младинско учество“ која се одржа во Сули Ан во Старата скопска чаршија.
На настанот организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет на Македонија, со поддршка од Мисијата, беа доделени награди на млади поединци, неформални групи и младински организации чии иницијативи ги трансформираат заедниците во Северна Македонија.
Шефицата на Канцеларијата за политички прашања и комуникации на Мисијата, Енрика Вида, во нејзиното обраќање ги пофали „креативноста, пасијата и лидерството“ на младите луѓе и ја најави новата Награда за млади и безбедност, која Мисијата ќе ја доделува од 2026. Со оваа награда ќе се оддава признание на младите лидери и организации кои придонесуваат кон побезбедни и поотпорни заедници, зајакнувајќи ја заложбата на Мисијата во однос на Агендата за млади, мир и безбедност.
„Младинското учество е повеќе од право – тоа е одговорност и уникатна можност за обликување на нашата заедничка иднина“, изјави Вида. „Од проекти за финансиска писменост кои ги поврзуваат Скопје и Костарика, до граѓански кампањи за родова еднаквост, безбедност и меѓукултурен дијалог, покажувате дека граѓанското учество е демократија на дело“.
На церемонијата беа претставен инспиративни примери за иницијативи водени од млади, од проекти за урбана ревитализација во Скопје до меѓукултурни летни кампови за деца од области зафатени од криза. Овие приказни, истакна Вида, се „искри“ кои прераснуваат во трајна промена.
Како дел од својата тригодишна стратегија, Мисијата ќе продолжи да поддржува политики според потребите на младите, структурен дијалог и иницијативи како претстојната Национална работна група за превенција на насилство помеѓу младите, заеднички потфат со Министерството за развивање решенија засновани на докази кои ги рефлектираат потребите и перспективите на младите луѓе.
На овогодинешниот Меѓународен ден на младите, носители на одлуки, членови на граѓанското општество и младински лидери ја реафирмираа заедничката заложба: омоќување на младите како суштински партнери во градењето демократски, инклузивни и мирољубиви општества.