News Item
Regional conference in Skopje focuses on preventing femicide through stronger institutional co-operation
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje
Фемицидот може да се спречи. Но, превенцијата зависи од тоа дали институциите ги препознаваат ризиците, дали споделуваат информации, дали учат од претходните случаи и дали постапуваат заедно пред насилството да стане смртоносно.
На 28 и 29 септември во Скопје, околу 80 пратеници, претставници на владата и правосудството, независни институции, меѓународни и регионални експерти, претставници на граѓанското општество и теренските операции на ОБСЕ земаат учество на Регионална конференција за фемицид.
Оваа конференција, во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Програмата за родови прашања при Секретаријатот на ОБСЕ, им обезбедува платформа на земјите од Југоисточна Европа на која можат да разменуваат искуства и да изнајдат практични мерки за зајакнување на превенцијата и институционалниот одговор на родово базираните убиства на жени и девојчиња.
„Денешната конференција е важна затоа што фемицидот може да се спречи“, рече амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Да преминеме од фрагментирани информации кон заедничко разбирање, од изолирани одговори кон посилна соработка, и конечно, од одговор на фемицидот кон негово спречување“.
Овие два дена, учесниците го разгледуваат комплетниот синџир на превенција: од законодавството и парламентарниот надзор до откривање и истражување на родово базираните убиства, собирање веродостојни податоци и учење од поединечните случаи.
Северна Македонија веќе презеде чекори во оваа област. Со измените на Кривичниот законик во 2023 година беше воведено кривичното дело „родово базирано убиство“. Мисијата на ОБСЕ во Скопје, исто така, го поддржа развојот на националниот механизам за следење на фемицидот, вклучувајќи заедничка методологија за разгледување на случаите, подобрено собирање и анализа на податоци, набљудување на соодветните судски постапки и јавна Платформа за следење на фемицидот.
Централната алка во овој механизам е Мултисекторско работно тело кое на иста маса ги седнува претставниците на правосудството, социјалната заштита и здравствените институции, како и граѓанското општество. Разгледувајќи ги случаите од различни гледишта, механизмот помага да се утврдат ризиците и институционалните пропусти, и наученото од поединечните случаи да се преточи во препораки за посилна превенција и заштита.
Конференцијата, исто така, нуди можност за споредување на пристапите од целиот регион, каде што правните рамки и механизмите за следење на фемицидот се разликуваат, и да се развијат практични препораки за посилен национален одговор, но и за понатамошна регионална соработка.