Skip Links

Project Update

Хибридна обука за подобро полициско работење

Issued on:
Issued by:
OSCE Mission to Skopje
Fields of work:
Полициско работење

Скопје, 15 декември 2025 – Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска го одбележаа комплетирањето на новиот Систем за хибридно образование кој ги зајакнува полициската обука и долгорочниот национален капацитет.

Системот комбинира предавање во училница со дигитални алатки за учење со што им се овозможува пристап на полициските службеници од цела држава до побрза, пофлексибилна и висококвалитетна обука како и можност за ажурирање на своите вештини. Овој пристап поддржува професионален развој додека одговара на реалноста на секојдневното полициско работење.

Проектот направи инвестиција и во луѓе и во системи со цел да се обезбеди долгорочно влијание и одржливост. Со комбинирањето на Мултимедијалниот центар за обука, онлајн-платформа за учење и тим од 18 обучени домашни инструктори, Министерството ги зајакна своите капацитети за испорачување модерна полициска обука во рамките на постојната институционална рамка. Со ова се поддржува одржлива, висококвалитетна обука која може да еволуира со текот на времето согласно оперативните потреби. 

„Северна Македонија сега има модерен систем за хибридна обука – меѓу најнапредните во регионот“, изјави амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Овој систем го прави учењето побрзо, пофлексибилно и попристапно до службениците низ државата. За граѓаните, тоа значи попрофесионална служба, побрзи реакции како и полициски службеници кои се подобро опремени за предизвиците со кои се соочуваат“.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека модерна, постојана обука е од суштинско значење за зајакнување на полицискиот професионализам и јавната служба.

„Преку оваа соработка беше поставена основа за модерен и одржлив хибриден образовен систем: развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се обучувачи со високи дигитални компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Идризово, во вредност од околу 350 илјади евра, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува квалитетна и флексибилна едукација“.

Поддржана од Германија и Норвешка, оваа иницијатива ја поврзува Северна Македонија со регионалните мрежи за полициска обука, вклучително и здружението на полициски академии од Југоисточна Европа поддржано од ОБСЕ, со што се овозможува заедничко учење и повисоки професионални стандарди.

Покрај системот за хибридна обука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје исто така работи со партнери како Финска за подобрување на полициската инфраструктура, како што се побезбедните простори во Битола и Струмица за интервју за жртви на злосторства. Заедно, овие напори ја рефлектираат сеопфатната поддршка на Мисијата за Министерството за внатрешни работи – зајакнување на професионалните вештини, институционалниот капацитет и довербата на јавноста во полициското работење.