News Item
Со здружени сили до ставање крај на фемицидот
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje, OSCE Mission to Skopje
- Fields of work:
- Родова еднаквост
Зајакнување координација во целиот систем за спречување фемицид во Северна Македонија
Скопје, 25 ноември 2025 – Како дел од кампањата за 16 дена активизам против родово базирано насилство, Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска го одржа својот централен настан со наслов „Од пријавување насилство до спречување фемицид – системски одговор“ на кој присуствуваа претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, како и претставници на државни институции, професионалци од секторот правда, граѓанското општество и медиумите. На настанот беше прикажан националниот напредок кон воспоставување иницијатива Опсерваторија за фемицид, првиот координиран, повеќесекторски механизам на земјата посветен на набљудување и спречување фемицид.
Во нејзиното обраќање, претседателката Силјановска Давкова ја истакна важноста на институционалната координација и превенција: „Ни требаат јасни дефиниции, веродостојни податоци и аналитички и координиран пристап кон фемицидот. За силни институции потребна е поголема застапеност на жените во клучни улоги за носење одлуки. Осврнувањето на родово базираното насилство бара јасни индикатори, конзистентна акција и постојана јавна свест. Фемицидот е системски проблем за кој е потребен системски одговор“.
Во своето обраќање, амбасадорот Килиан Вал истакна: „Фемицидот се спречува. Кога информациите остануваат во посебни папки и институциите работат во меур, ризиците остануваат незабележани и се пропуштаат можности за интервенција. Вистинското спречување започнува со рана акција и заедничка одговорност како и систем во кој институциите ја гледаат целата слика и делуваат пред да биде доцна“.
Иницијативата се надоградува на долгогодишната поддршка од ОБСЕ за справување со насилството врз жените, која вклучува ретроспективна анализа на случаи, набљудување судења како и соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права и Националната мрежа против насилство врз жени. Наодите од овие напори откриваат повторливи шеми од долготрајна злоупотреба често е непријавувана, неконзистентни правни квалификации и фрагментирани податоци – укажувајќи на потребата за единствена рамка за спречување заснована на докази.
Во срцето на иницијативата е Повеќесекторското работно тело, составено од претставници од органите за спроведување на законот, обвинителството, судството, социјалните и здравствени услуги како и граѓанското општество. Телото ревидира случаите на фемицид и обид за фемицид забележани од 2014 година, идентификува системски празнини и се грижи дека институциите учат од лекциите. Иако не е решение само по себе, тоа обезбедува структуриран простор за соработка, споделување информации и рано спречување.
На настанот свој придонес дадоа институционални практичари и експерти од граѓанското општество, по што следеше интерактивна дискусија за предизвиците, научените лекции и наредните чекори. Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја реафирмираше својата постојана поддршка на националните партнери со цел да се води сметка дека лекциите од минатото се пренесуваат во постојани подобрувања во рамки на спречување, заштита и отчетност.