News Item
Одбележување 15 години Партиципативен форум: клучно достигнување за дијалог, инклузија и права на заедниците
- Issued on:
- Issued by:
- OSCE Mission to Skopje
- Fields of work:
- Малцински права
Скопје, 27 ноември 2025 – Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) денеска ја одбележаа 15-годишнината на Партиципативниот форум, славејќи ја една од најиздржливите платформи во земјата за структурен дијалог помеѓу државните институции и претставници на помалубројните заедници.
Создаден во 2011 со поддршка од Мисијата, Партиципативниот форум стана механизам од доверба каде институциите и заедниците работат заедно за да обликуваат поинклузивни јавни политики. Во рамките на Партиципативниот форум учествуваат министри, агенции на централно ниво, пратеници, граѓанското општество и претставници на заедниците кои редовно се среќаваат со цел да се осврнат прашања кои ги засегаат заедниците кои претставуваат помалку од 20 проценти од населението.
Во последните 15 години, Форумот придонесе за напредок во области како пристап до образование на јазиците на заедниците, еднаква застапеност, културни и медиумски права, меѓукултурен дијалог и антидискриминација. Препораки кои произлегуваат од него редовно се поднесуваат до Владата, со што се води сметка дека грижите на помалубројните заедници имаат свој удел во развивањето политики.
Заменик-премиерот Иван Стоилковиќ ја истакна посветеноста на Владата за поттикнување инклузија. „Владата продолжува да ги поддржува механизмите кои ја зајакнуваат социјалната кохезија. Партиципативниот форум е пример за тоа како постојаната соработка може да води до конкретни подобрувања за заедниците во државата“.
Д-р Сузан Пенкса, заменик-шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје го истакна долгогодишното влијание на Форумот врз градењето доверба и социјалната кохезија. „По петнаесет години, благодарение на истрајното застапување на Форумот, гледаме вистински напредок: посилни партнерства во граѓанското општество, проширено образование на јазиците на заедниците, повеќе учебници, повеќе изборни предмети, па дури и создавањето на националниот канал МТВ4 посветен на помалубројните заедници. Овие достигнувања покажуваат како значајниот дијалог може да ги обликува политиките кои се клучни за социјалната кохезија“.
Директорот на АОПЗ, Далибор Китановиќ, го истакна придонесот на Форумот за зајакнување на соработката и подобрување на правата на заедниците. „Веќе 15 години, Партиципативниот форум покажува дека кога има дијалог, има и напредок. Оваа платформа им помага на институциите подобро да ги разберат потребите на заедниците и води сметка да се чуе сечиј глас во процесите на создавање политики“.
Со цел да ја одбележи годишнината, АОЗР претстави нова брошура во која се документирани создавањето на Форумот, правната рамка, методите за работа, клучните исходи како и препораки. Публикацијата, создадена со поддршка од Мисијата, е достапна на седум јазика.
Мисијата на ОБСЕ изрази благодарност до сите членови на Форумот, институции и граѓански организации кои придонеле за ова 15-годишно патување на дијалог, партнерство и инклузија.